Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија вечерва доживеа пораз од Полска со 35-33 и остана на второто место од ЕХФ шампионатот во Скопје. На полувреме, ракометарите заминаа израмнето, со резултат од 17-17. Во првиот дел и двете репрезентации прикажаа дека знаат да играат модерен ракомет, практикувајќи брз центар, комбинаторики во акциите и закана од секоја позиција. Најповолен период за Македонија беа минутите околу 20-тата, кога направи серија од 3-0 и поведе со 14-12, сепак кога се огласи сирената за одмор резултатот беше 17-17.
Во второто полувреме, Полска на момент да избега со +5 кои беа тешко достижни за селекцијата на Македонија. На македонските ракометари работата дополнително им ја отежна и голманот на Полска, кој беше тешко совладлив и успеа да одбрани неверојатни удари со што победата стана уште потешко достижна.
Со седум гола најефикасен кај Македонија беше Марко Митев, по пет постигнаа Петар Атанасијевиќ, Александар Петковски и Божидар Илиески. Левото крило на Еурофарм Пелистер 2, Петар Атанасијевиќ се најде во идеалниот тим на шампионатот, заедно со најкорисниот ракометар (МВП), Марко Митев.