Струшки ракометен турнир - 2021
А група (второ коло)
Еурофарм Пелистер - Металург 25-24 (13-14)
Еурофарм Пелистер имаше победнички почеток на турнирот во Струга, иако со голема мака го совлада Металург со 25-24.
Битолчани тргнаа добро, имаа резултатска контрола на стартот и одржуваа минимална предност. Металург влезе во лоша серија напади, неколку пати згреши, а тоа го искористи ривалот и успеа да се одлепи на 9-5 на средината од првиот дел.
Сепак, пред полувремето работите на теренот се променија. Со серија од 6-2, момците на Марковски се вратија до егал и 11-11. Еурофарм Пелистер беше изненаден, а тоа дополнително го искористија скопјани и прв пат поведоа. Со еден гол предност (13-14), Металург замина на паузата.
Следеше втор дел во кој пелистерци двапати имаа +3, а Металург израмнуваше. Со драма и нерешен резултат се влезе во финишот и последната минута. Еден од новите ракометари во битолскиот тим, Кубанецот Табоада погоди за конечните 25-24, по што противникот не успеа да се врати. Голманот Мартон Секељи имаше 12 интервенции. Божиќ Павлетиќ одигра натпревар со перфектни седум од седум. Добар натпревар имаа и Табоада кој даде шест и Мандалиниќ со пет реализации. Кај стрелците се истакна Златко Хорват со девет гола.