Жељко Бабиќ го освои првиот трофеј со Еурофарм Пелистер на домашната сцена, откако во рамките на ракометниот Суперкупот славеа над големиот ривал Вардар 1961 со (22-31).
По натпреварот тој не можеше да го сокрие своето задоволство, истакнувајќи дека е среќен што успеал да донесе титула во Битола, што според него е одлично како најава за сезоната што следи. Смета дека добро го искористиле фактот што на Веселин Вујовиќ му фалеа низа играчи.
„Добро го искористивме отсуството на низата играчи од Вардар и секако дека поголемата ротација го одлучи победникот. Имавме и добри голмани. Одигравме во доста висок ритам. На сите ни беше сон да дојдеме до титула, можам да кажам дека ја исполнив едната своја мисија, да освоиме еден трофеј за нашата Битола“, рече сплиќанецот.
Утре изутрина ракометарите на Еурофарм Пелистер се селат во Струга, каде го бранат трофејот освоен на интернационалниот турнир минатата година.