Со утринскиот тренинг во Маврово, ракометарите на Еурофарм Пелистер ја завршија втората фаза од подготовките која траеше од минатата сабота до денешниот ден. Со неколку тренинг сесии и еден контролен натпревар (победа против Еурофарм Пелистер 2 од 30-22), екипата на Жељко Бабиќ го одработи зацртаното. Ракометарите добија слободен период до вторник наутро, кога со двојна тренинг сесија ќе им се вратат на обрвските. Следниот контролен натпревар е предвиден за седми август, кога во Маврово, Еурофарм Пелистер ќе спарингува со Металург. Екипата тренираше комплетна, со исклучок на Марио Танкоски, кој ќе се приклучи во втората недела од август. Првиот официјален натпревар Еурофарм Пелистер ќе го одигра на 11 август во СЦ „Борис Трајковски“ против Вардар 1961 за Суперкуп титулата.
Ненад Костески
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Има разлика од претходните сезони, бидејќи сезонава почнува порано со официјалните натпревари. Започнуваме против Вардар во Суперкупот на Македонија и немаме многу време за да се спремиме, па го забрзуваме процесот. Подготовките траат и сè е во ред со сите ракометари.
Сезонава составот не претрпе големи промени, 70% останавме старите играчи. Имаме новајлии, се вклопуваат во системот и мислам дека со официјалните подготовки добро ќе ја започнеме новата сезона.
Ќе се зголеми бројот на натпревари сезонава. Ќе има доста натпревари за секого. Ќе се ротира и ќе биде тешка сезона, со многу натпревари. Верувам дека работите ќе течат како што треба.
Јосип Периќ
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Доста се засиливме, доведовме неколку квалитетни ракометари и наголемо тактички се подготвуваме за тоа што ни следи. Засега сè оди по планот, сите момци се здрави, немаме проблеми со повреди, се воигруваме, посебно со новите играчи, и едвај чекаме да почнат официјалните натпревари.
Најголема наша снага треба да биде тоа што костурот остана ист. Втора година сме заедно, добро се познаваме и воиграни сме. Ако новајлиите се вклопат мислам дека не очекува подобра сезона од претходната.
Искрено, доста трениравме и во паузата, добивме посебни програми, па не треба премногу физички да работиме тука. Ни следи ракомет и тактика. Нè радува тоа што веднаш почнуваат натпреварите и не треба да чекаме долго како минатата сезона. Се радувам и што ќе има голем број натпревари оваа година.
Бојан Маџовски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Оваа сезона почнуваме малку порано, бидејќи немаме голем период за подготовки и ни следи официјален натпревар за десет дена. Првиот дел од подготовките го поминуваме во одличен ритам. Покрај тоа што се спремаме за физичката подготвеност, работиме и на тактичката подготвеност, со цел новите играчи да влезат во системот на нашиот тренер.
Не би коментирал дали сме посилни од минатата сезона, уште е рано за тоа. Ни преостанува да ги завршиме подготовките и да се спремаме за она што нè очекува, бидејќи имаме тешка сезона.