Вицешампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер продолжува со составување на костурот на тимот за новата сезона. Битолскиот клуб денеска го претстави Филип Ивановски кој минатата сезона беше дел од Еурофарм Пелистер 2.
26-годишниот голман ќе биде дел од тројката на голот, која ја сочинуваат уште Секељи и Кизиќ.
„Екипата неколку години е заедно, скоро 70% од ланскиот костур е присутен и сезонава, надограден со одредени засилувања кои беа потртебни. Ова е голем клуб и нормално е да има високи амбиции. Целта е да се врати една од домашните титули во Битола. Се надевам дека ќе успееме да ја израдуваме публиката. Ветувам дека напорно ќе работиме за да дојдеме до таа толку посакувана титула“, смета Ивановски.
Голманот потекнува од школата на Пелистер, а пред да потпише договор со Еурофарм Пелистер беше дел од Еурофарм Работник, Металург и Вардар Јуниор.