Македонскиот вицешампион и претставник во групната фаза на Лига Европа, Еурофарм Пелистер комплетно ја смени голманската тројка. На местото на Чаневски, Трајкоски и Хендави, во клубот дојдоа Марко Кизиќ, Филип Ивановски и Мартон Секељ.
Поранешниот вардарец, Кизиќ верува дека во Битола ќе може да го извади максимумот од себе.
„Еурофарм Пелистер ме убеди со амбициозниот проект, во кој како млад македонски ракометар се вклопив. Ми го понудија баш тоа што ми треба за да го докажам својот потенцијал и да го извадам максимумот од себе.
Запознат сум со овој клуб од поодамна. Секоја година станува се подобар и подобар клуб,. Минатата сезона беше тежок противник, според мене сезонава сме посилни и мислам дека може да се направат уште подобри резултати. Од поодамна го знам Филип Ивановски. Одличен човек и добар голман. Се запознав и со Мартон. Мислам дека ќе има позитивна конкуренција и ќе бидеме место каде може да се напредува“, рече Кизиќ.
Со доведувањето на младиот голман, се зголемува колонијата репрезентативци на Македонија во Еурофарм Пелистер, клубот кој дава најмногу членови на националниот тим.