Со официјална прес-конференција и свечен коктел попладнево во Битола се овековечи соработката на фармацевскиот супербренд „Еурофарм“ и ракометниот клуб ХЈС Работник. Така младиот суперлигаш од Битола во иднина ќе се вика Еурофарм Работник, а соработката ја официјализираа претседателот на клубот Благоја Стефановски и маркетинг директорот на компанијата Димитар Митревски.
„Ние како млад клуб дојдовме до највисокиот ранг на натпреварување и тука нема да застанеме. Сега со потпишувањето на овој спонзорски договор само ја зацврстуваме нашата позиција и не криеме дека имаме големи амбиции во новата сезона. Знаете дека и јас и Марковски и Зарков не сме нови во ракометот, сме остварувале големи резултати, а имаме и основа да се надеваме дека и во иднина ќе остваруваме. Сакам да го апострофирам Силјан Мицевски како најзаслужен што нашите апетити растат. Знаете каков е мојот однос со него и со ракометот, десет години бев претседател на Пелистер во најдоброто време и верувам дека и овој проект има иднина како и поранешниот“, рече Благоја Стефановски.
„Задоволство е да се работи со професионалци какви што се луѓето од Еурофарм Работник. Ние подолго време сме инволвирани во ракометот преку РФМ, а сега во овој проект гледаме иднина и оптимист сум дека во иднина ќе се радуваме на многу успеси“, заклучи Митревски.
Спортскиот директор на клубот Бојан Стефановски не ги криеше амбициите, дури и најави напад на второто место во лигата:
„Не криеме дека сме со високо зацртани цели во нашата прва сезона. Имаме две јасни цели, а мислам дека полека можеме да ги оствариме. Првата цел е влез во плеј-офот, а втората малку оптимистичка, но не и невозможна е да го нападнеме и второто место во Супер лигата“.
Во името на стручниот штаб говореа Иван Марковски и Александар Зарков, кои се основачи на клубот пред пет години, а сега пред себе имаат колектив со нескриени амбиции за висок пласман.
„Да ни речеше некој пред пет години дека денес ќе бидеме суперлигаш и дека за генерален спонзор ќе имаме една од најуспешните компании во Македонија немаше да верувам. Знаете дека и како ракометар јас бев човек кој малку зборува, па и сега преферирам да зборувам на теренот“, рече Зарков.
Иван Марковски го надополни со откривање на планот на подготовки:
„Денес почнуваме со тренинзи, предвидени се неколку контролни натпревар, првиот од нив е на 10 август. Ќе играме два пријателски мечеви со грчкиот шампион Филипос Верија и еден со ПАОК, ќе учествуваме на прилепскиот меморијален турнир „Миле Нешкоски“ и верувам дека спремни ќе го дочекаме почетокот на сезоната“.
Клубот ја официјализираше и својата нова официјална веб страница www.rkeurofarmrabotnik.com.
https://rkeurofarmpelister.com/vesti/169-eurofarm-rabotnik-gi-otkri-planovite-i-neskrieno-najavi-napad-na-vtoroto-mesto#sigProId01daf91153