Македонскиот ракометен претставник Еурофарм Пелистер е пред својот прв голем европски предизвик оваа сезона, откако утре ќе го пречека шпанскиот претставник Логроњо Ла Риоха (20.45 часот) во воведното коло од групната фаза во Европската лига.
Овој натпревар има посебно значење бидејќи ќе означи деби на меѓународната сцена за новиот тренер Лино Червар на клупата на пелистерци, откако претходно успешно го водеше тимот на три средби во регионалната лига и два домашни меча во Суперлигата.
Лино Червар
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Нè поставија како фаворити пред Гумерсбах и Логроњо Ла Риоха, а тоа е малку преамбициозно. Но, тоа за нас нема никакво значење. Мораме добро да се подготвиме. Многу го ценам шпанскиот ракомет. Ла Риоха е клуб против кој веќе сум играл и има голема традиција. Нè чека напорна работа; играчите мора да бидат подготвени, а и ние, со многу енергија и ментална сила.
Посебно важна е нашата одбрана. Кога некој игра добра одбрана, тогаш има голема шанса да победи на натпреварот. Ова е наш прв натпревар оваа година во Европската лига, а луѓето очекуваат многу од нас. Многу сум задоволен од атмосферата меѓу играчите и очекувам многу публика. Навивачите се многу поврзани со нашиот клуб; ниту еден успех на Пелистер не би бил можен без публиката. Публиката е нашата сила, наш играч повеќе. Но, ние тоа мора да го оправдаме. Мора да покажеме голема енергија, желба за победа — тоа е исклучително важно. Страста за победа дава дополнителна енергија. Затоа јас верувам во мојот тим, верувам во Еурофарм Пелистер, затоа сум тука.
Никола Митревски
(ракометар на РК Еурофарм Пелистер)
Доста време го чекавме овој натпревар. Од самиот старт на подготовките поминаа скоро два месеци и со нетрпение последните неколку дена и недели го чекаме овој натпревар, бидејќи најубавото во спортот, во ракометот, се полна сала и убави натпревари.
Шпанците имаат доста добро технички потковани играчи коишто си играат своја игра. Знаеме дека шпанските екипи се тактички добро спремни. Работевме во изминатиов период и ние доста добро. Мислам дека сме доволно спремни да одговориме на сите нивни напади и очекувам добар натпревар од наша страна. Влегуваме на хартија како фаворит, но тоа треба да се покаже на терен,
Би им порачал на фановите да дојдат, да нè бодрат, да ја наполнат спортската сала „Боро Чурлевски“. Да бидат како и секогаш наш осми играч, да покажеме дека без разлика во кој европски куп, без разлика во кое европско натпреварување настапува Еурофарм Пелистер, тие секогаш се присутни на трибините. Ја имаме најдобрата навивачка група позади нас и заедно сите да се обидеме да издвојуваме победа.
Правдата на овој важен меѓународен дуел ќе ја делат норвешките арбитри Магнус Нигрен и Андреас Борге, додека функцијата делегат е доверена на Тихомир Касуниќ од Хрватска.






