Филип Кузмановски официјално остана во Еурофарм Пелистер. Капитенот и репрезентативен бек пред еден месец стави потпис на нов договор со кој се обврза да го предводи битолскиот тим и во следната натпреварувачка сезона. Денес на прозивката за новата сезона Кузмановски ја објасни своката одлука:
„Среќен сум што останав во мојот матичен клуб и во мојот град, меѓу нашите омилени навивачи. Мислам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од минатата, иако минатите години имавме некои забележителни резултати. Имаме многу нови играчи, со кои ќе мора да се воиграме, а и тие ќе треба да се адаптираат. Со доаѓањето на Лино Червар, мислам дека сите ќе имаат мотив повеќе и често ќе ја радуваме битолската публика, која секогаш ни дава максимална поддршка.
Секој играч ќе биде максимално мотивиран. Червар ќе бара максимална посветеност и борба за секоја топка. Ќе бидеме различен тим од лани, се надевам дека ќе бидеме одлични и во напад и во одбрана. Жалам за некои играчи што заминаа летово, со нив бевме заедно неколку години и создадовме една прекрасна атмосфера во тимот. Спортот е таков, ќе ни останат убавите работи во сеќавање. Сега вртиме нов лист, ќе мораме да создадеме нов успешен колектив. Овој дрес тежи и создава притисок, но се надевам дека тоа ќе го преточиме во позитивна смисла. Лигата станува многу посилна, има неколку екипи што се борат за шампионскиот трофеј, па затоа ќе мораме до крај да се бориме на секој меч“.
Еурофарм Пелистер оваа сезона ќе игра во Суперлигата, Регионалната лига и Европската лига на ЕХФ.






