Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во „мечот на неделата“ на ЕХФ, предводен од „делиричната“ публика во Битола, го сруши унгарскиот гигант ПИК Сегед во епска драма со 25-24.
Ова е втора победа за „зелените“ во Лигата на шампионите оваа сезона, а сигурно големи заслуги има и тренерот од Шпанија, Рубен Гарабаја.
„Го започнавме натпреварот со неверојатна одбрана, мислам дека ПИК Сегед го сфати тоа и почна да игра „седум на шест“. Имавме неверојатен голман во првиот дел, но со таа игра „седум на шест“ противникот дојде до лесни шутеви и ни направи проблем. Во вториот дел се боревме и ние и тие, плус еден за нас, плус еден за нив, но на крајот победивме како тим.
Секој играч си ја сфати својата улога и сите разбраа дека се важни во овој меч. Кога сите работи функционираат и ние сме како тим, може да го победиме секого. Мора да бидеме перфектни, да ни биде јасно дека со план како во првиот дел, кога сите сме внатре, тимот „работи“. ПИК Сегед можеби имаше проблеми со повреди пред овој меч, ама ова беше многу важна победа за нас“, рече Гарабаја.
Пелистерци в сабота го пречекуваат Бутел Скопје, а следната недела пак се среќаваат со ПИК Сегед, но сега на унгарско тло.






