По доброто издание против шпанскиот првак Барселона, календарот на Лигата на шампионите на пелистерци им го носи најдобриот тим во Европа минатата сезона, германски Магдебург. На средбата со новинарите дуелот го најавија тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја и левиот бек Ник Хенигман.
Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Се надевам дека ќе можеме да бидеме уште подобри од мечот со Барселона, затоа што одигравме одлично. Не бевме перфектни, но бевме близу. Ако не сте компактни и безгрешни против тим како Магдебург, сигурно ќе имате многу проблеми. Ќе видиме кои играчи се најподготвени за настап, нема да ризикуваме со оние што не се 100% фит. Ќе дадеме максимум со кадарот што го имаме на располагање. Сите знаат каков стил негува ривалот, брз, со опасни контри и лесни голови. Ќе се обидеме да ја зграпчиме секоја прилика што ќе ни се пружи.
Ник Хенигман
(Еурофарм Пелистер)
Точно е дека се подготвуваме максимално за овој меч. Ние секогаш мислиме на победа и сакаме да освојуваме два бода, иако знаеме дека некогаш тоа не е воопшто лесно. Се подготвуваме за нивниот силен напад, особено во ситуациите „еден на еден“, но ќе се обидеме да се справиме со силниот Магдебург. Барселона игра малку поинаков ракомет, додека Магдебург е експлозивен и често сака да игра на линијата од седум метри. Се обидува со својата физичка сила да доминира на теренот, и ние тоа добро го знаеме. На европската сцена секој натпревар е од огромна важност, сите се трудат да освојат што повеќе бодови, затоа и ние ќе се трудиме да се претставиме во подобро светло. Добрата форма од Европа да ја пренесеме и во домашното првенство.
Натпреварот меѓу првакот на Европа и македонскиот шампионат ќе го водат Унгарците Адам Биро и Оливер Киш.