Во очекување на натпреварот од второто коло на Б групата на ЕХФ Купот меѓу Еурофарм Работник и Татабања, денес битолскиот клуб одржа прес-конференција. Зрачи оптимизам од битолскиот табор и покрај квалитетот на унгарскиот претставник.
Ѓорѓе Чирковиќ (тренер на Еурофарм Работник)
Еурофарм Работник е единствена екипа во групата која е во процес на создавање на екипата. Сите наши противници имаат 90% ист ростер, ист тренер и ист систем од минатата година. Тоа е наш хендикеп, но не сакам да помислите дека немаме шанси. Верувам во екипата и покрај кадровските проблеми. Додека не победиме некој од ривалите, ќе бидеме незгоден ривал, а потоа ќе не сметаат за сериозна екипа. Чурлевски и Петровски се неизвесни, а Стјепановиќ и Пецаковски тренираат нормално. Татабања е екипа составена од ракометари од четири земји. Самиот податок дека го совладаа Веспрем, говори каква екипа се.
Филип Кузмановски (ракометар на Еурофарм Работник)
Да бевме малку поискусни ќе извлечевме и нешто повеќе во Германија. Но, за нас тој меч е минато и сега мислиме само на Татабања. Квалитетен и искусен тим се, сите скоро се двометраши и нема да ни биде лесно. Имаме одлична атмосфера, напорно работиме и со помош на публиката верувам во позитивен резултат.
Натпреварот се игра в недела со почеток во 19:00 часот.