Еурофарм Пелистер во рамките на 21. коло од Суперлигата на свој терен без многу проблеми славеше против Бутел Скопје со 34-25. Домашниот тим на денешниот натпревар настапи со комбиниран состав, а младинскиот репрезентативец Давид Брестовац го имаше своето деби за актуелниот шампион.
Младиот голман целосно ја оправда дадената минутажа и натпреварот го заврши со десет одбранети удари. По натпреварот за првпат зборуваше како член на битолскиот клуб.
„За мене Еурофарм Пелистер претставува еден голем чекор во кариерата. Ова е голем напредок во мојата кариера, клуб со голема традиција и се надевам дека оваа година ќе можам да ги покажам моите потенцијали. Верувам дека ќе можам да дебитирам на некој од дерби натпреварите, како против Вардар на пример.
Тука во Битола многу ќе научам од моите соиграчи. Веќе две недели сум тука, новите клупски другари ми помогнаа да се адаптирам на новиот систем и на новиот клуб. Две ипол години минав во Германија и тоа беше големо искуство за мене, играв со добри соиграчи во младинската Бундеслигата и во третата Бундеслига, каде што се најдобрите млади играчи во Германија. Стекнав големо искуство и по враќањето во Битола верувам дека ќе го покажам мојот потенцијал. Уште сум млад и се надевам дека тука ќе го развивам својот талент“, рече Брестовац.
Во последното коло од регуларниот дел на сезоната Еурофарм Пелистер ќе гостува кај Прилеп.