Првакот на Македонија во ракомет, Еурофарм Пелистер, засилено го подготвува големиот дуел со европскиот гигант Веспрем.
Со само еден тренинг, кој ќе биде рекуперација од напорите во Скопје, битолчани мора да креираат атмосфера и тактика за еден од фаворитите за титулата во Лигата на шампионите. Урош Борзаш, кој добро ја познава институцијата Веспрем, верува дека гостувањето на Унгарците ќе делува мотивирачки за ракометарите.
„Секоја година Веспрем е подобар и подобар и носат уште подобри играчи. Ја ловат титулата од Лигата на шампионите со години, многу вложуваат и нам ни следи многу тежок натпревар. Максимално се спремаме, тие се сигурно еден од фаворитите за освојување на титулата во Лигата на шампионите и притисокот е врз нив. Ќе биде празник за градот, не доаѓа секој ден Веспрем во Битола и сите заедно ќе уживаме.
И Веспрем има недостатоци и ние ќе се обидеме да ги искористиме. Против Спортинг играа послабо и убедливо загубија. Сигурно и ние имаме свои шанси, па дури и да победиме. Убеден сум дека ќе дадеме максимум и ќе изгинеме на теренот“, рече Борзаш.
Дуелот меѓу македонскиот и унгарскиот шампион ќе го судат Марко Секулиќ и Владимир Јовандиќ, додека делегат е Марко Бранди од Италија.