ГРК Охрид - Еурофарм Пелистер 2 33-23 (19-9)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 не успеаја да го освојат првиот подготвителен турнир сезонава. Македонскиот ракометен суперлигаш ГРК Охрид е победник на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ кој изминатите денови се одржа во Прилеп.
Охриѓани предводени од тренерот Стевче Алушовски доминантно славеа над Еурофарм Пелистер 2 во мечот за титулата. „Рибарите“ го совладаа ривалот со сигурни 33-23 (19-9).
Третото место го освои уште еден македонски тим, тоа е ГРК Тиквеш, кој во „малото финале“ го победи Врање со 25-24.
Најкорисен играч на турнирот е Теимураз Орјонокидзе од Охрид. За најдобар голман на турнирот е прогласен чуварот на мрежата на Еурофарм Пелистер 2, Мартин Јовановски, а најдобар стрелец е Гал Цирар од Охрид.