Ракометарите на Еурофарм Работник загубија од Металург со 21-19 (11-10) во меч кој се играше на отвореното игралиште на „Женска плажа“ во рамките на второто коло на струшкиот ракометен турнир.
Мечот започна многу цврсто, битолчани играа компетитивно, но видливо беше дека Металург исто така е желен за надигрување. Така континуираното водство на битолчани траеше до 22. минута, кога Металург постигна неколку лесни голови и на одмор отиде со минимално водство од 11-10. Се играше цврсто, со многу силни дуели, како да се работи за официјапен натпревар.
Второто полувреме започна со игра во која Металург прв се одлепи на 14-10, но битолчани не се предаваа и стигнаа до 16-16 на половина од второто полувреме. Чаневски бранеше одлично, ракометарите на Еурофарм Работник прокоцкаа неколку шанси за израмнување и Металург искусно го доби финишот со 21-19.
Во екипата на Металург се истакнаа новиот капитен Талески со 6 гола, а Костески и Маркеч постигнаа по 5 гола. Кај битолчани најефикасен беше Дејан Пецаковски со 6 гола, а голманот Чаневски имаше позитивни моменти во мечот. Утре Еурофарм Работник игра против Стеауа од Романија.
ФОТО: Филип Вирановски - Gol.mk