b_640_480_16777215_00_images_vesti_2026_11_PEL-GUM-207.jpg

Еурофарм Пелистер ја запиша првата победа во Европската лига, откако во салата „Боро Чурлевски“ во Битола славеше против германскиот Гумерсбах со 29-28 во драматичен натпревар од четвртото коло. Македонскиот претставник со голем пресврт во второто полувреме стигна до важни бодови, со кои останува во игра за пласман во следната фаза.

Најзаслужен за триумфот беше Никола Митревски, кој имаше извонредна вечер на голот и натпреварот го заврши со 15 одбрани. Искусниот голман беше еден од клучните фактори за враќањето на Еурофарм Пелистер во натпреварот, откако германскиот состав имаше убедливо водство по првите 30 минути.

Почетокот донесе израмнета игра, во која двата тима се менуваа во водство. Сепак, по резултатот 8-9, Гумерсбах направи серија од плус четири и се одлепи на највисоки пет разлика (8-13). Гостите ја задржаа предноста до паузата, па на одмор заминаа со водство од 9-14.

Пелистер не се предаде и во второто полувреме покажа сосема поинакво лице. Домашниот состав одигра одлични девет минути, во кои со серија од 7-2 ја анулираше негативата и стигна до 16-16. Израмнувањето предизвика вистинска еуфорија на трибините, а голем придонес за враќањето на битолчани имаше Митревски со своите интервенции. Во продолжението се водеше голема битка, а ниту еден од двата тима не успеваше да се одвои. Гумерсбах во средината на второто полувреме повторно имаше два гола предност (20-22), но Пелистер остана во игра. Кузмановски не реализираше еден од двата седмерци, но Граховац успеа да донесе ново израмнување (22-22) пред влезот во последните десет минути.

Драмата го достигна врвот во последните пет минути. При резултат 26-27, во 56. минута Видомски направи техничка грешка, но и Германците не ја искористија својата можност. Серафимов потоа реализираше од седум метри за 27-27.

Митревски со својата 13. одбрана му даде нов импулс на домашниот тим, а Серафимов на две и пол минути пред крајот донесе водство од 28-27. По уште една грешка на гостите, Пелистер доби можност да замине на два гола предност. Нтанзи ја искористи шансата и погоди за 29-27, по што битолчани успешно го задржаа водството до последниот звук на сирената.

Најефикасен кај Пелистер беше Филип Кузмановски со 7 голови, а кај Гумерсбах, Милош Вујовиќ со 8 погодоци.

Ракомет
Европска лига 2026/27
Г група
Четврто коло:

Еурофарм Пепистер - Гумерсбах 29-28 (9-14)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 3.300
Судии: Војчех Бенус и Јакуб Улир (Чешка)
Црвени картони: Самоил Ристевски (Еурофарм Пелистер), Лукас Боме (Гумерсбах)

Еурофарм Пелистер:
Митревски, Брестовац, Кузмановски 7, Нтанзи 5, Ристевски 4, Серафимов 4, Граховац 4, Пешевски 3, Кузманоски 1, Хакбарт 1, Белистојановски, Видомски, Хенигман, Пет. Атанасијевиќ, Колаковиќ, Пав. Атанасијевиќ
Седмерци: 9/7
Исклучувања: 8 минути

Гумерсбах:
Биоска, Облинг, Вујовиќ 8, Видарсон 4, Хаселер 4, Синдрасон 4, Шлуруф 3, Кодрин 2, Бломе 1, Душебаев 1, Еинарсон 1, Кислер, Земан
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 10 минути

Следниот натпревар на Еурофарм Пелистер е закажан за на 24.ноември на домашен терен против Вибжеже.

sponzori 2026 2027

За нас

На ден 29.11.2019 во општина Битола беше потпишан договорот ,,ПЛАТФОРМА ЗА РАКОМЕТНА БИТОЛА’’, со што и официјално Битола го доби клубот РК Еурофарм Пелистер.

Договорот го потпишаа претставници на двата клуба и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во просториите на Општина Битола.

Еурофарм Пелистер ќе биде водечкиот клуб со високи европски амбиции, а Еурофарм Пелистер 2 клуб исполнет со млади ракометари и таленти од Битола и цела Македонија.

Прочитај повеќе

Контакт

Адреса: Ул.Добривое Радосављевиќ бр.3
Битола 7000, Република Македонија

E-mail: info@rkeurofarmpelister.mk

icons8 facebook old 48 icons8 instagram 48 iconfinder youtube 834723