Еден ден по отстапувањето на титулата и тешкиот пораз од Вардар 1961, екипата на Еурофарм Пелистер впиша нова домашна победа. Во осмиот натпревар од разигрувањето за титулата, момците на Алексо Лембанов го совладаа Бутел Скопје со 38-28 (22-12) и останаа во игра за второто место,
Еурофарм Пелистер во текот на целиот меч ги контролираше настаните на теренот. На полувреме веќе беше +10, а vо продолжението битолчани играа на рутина, не му дозволија на помладиот ривал да се врати резултатски, а постепено водството почна и да расте. Во завршните петнаесет минути разликата се зголеми на повеќе од десет гола, најмногу домаќинот водеше со 14 разлика, а на крајот победи со 38-28.
Капитенот Филип Кузмановски и Петар Атанасијевиќ натпреварот го завршија со по осум погодоци зад своето име, а исто толку даде и Тодор Узунчев од редовите на Бутел.
Ракомет
Суперлига 2025/26
Плеј-оф - осмо коло
Еурофарм Пелистер - Бутел Скопје 38-28 (22-12)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 200
Судии: Иван Илиевски и Александар Шуковски
Еурофарм Пелистер:
Митревски, Хаидарирад, Брестовац 1, Манасков, Видомски 2, Ристевски 1, Хакбарт 5, Тајник, Граховац 3, Хенигман 3, Кузмановски 8, Абутовиќ, Калајџиовски 5, Пет. Атанасијевиќ 8, Пешевски, Пав. Атанасијевиќ 2
Седмерци: 7/7
Исклучувања: 4 минути
Бутел Скопје:
Атан. Трсунов, Трајкоски, Субашевски 2, Марковски, Георгиевски 4, Шилегов 3, Јаневски 1, Новаковски, Т. Узунчев 8, Д. Узунчев 4, Киселовски, Каевски 2, Николовски, Михајловиќ 4, Ар. Трсунов, Гурмешевиќ
Седмерци: 4/4
Исклучувања: 6 минути
Во следното деветто коло од плеј-офот Еурофарм Пелистер гостува кај Охрид.






