Во драматичен натпревар од претпоследното коло во Лигата на шампионите, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер одигра нерешено 34:34 против францускиот гигант ПСЖ. И покрај елиминацијата од понатамошните фази, битолчани приредија спектакл во салата „Боро Чурлевски“, предводени од Филип Кузмановски и Дејан Манасков, кој го постигна израмнувачкиот гол во последните секунди.
Емоциите по натпреварот беа моќни кај сите актери и ремито беше прославено како победа.
Стевче Алушовски
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Ова беше феноменален натпревар. Можам само да им честитам на ракометарите. Покажавме огромен карактер, и кога губевме со два гола разлика на само една и пол минута до крајот, верувавме во себе и се вративме. Бевме нервозни на почетокот, правевме грешки, кои според мене не се грешки туку глупости, но кога играш против ПСЖ и во ваква атмосфера, нормално е фокусот и главата да не ви бидат тука. Меѓутоа мислам дека од ден во ден екипата расте, почнуваме да веруваме во она што го работиме и во нашиот систем. Голема благодарност до битолчани, беше задоволство да се води оваа екипа од клупата.
Дејан Манасков
(РК Еурофарм Пелистер)
Немав многу време да се подготвам за овој натпревар. Тренирав само вчера така што можам да бидам задоволен. Возбудлив натпревар, можеше да заврши и со нашата победа, но и со пораз. На крај успеавме да постигнеме гол во самиот финиш и да освоиме бод. Мислам дека се покажавме во одлично светло за последен пат оваа сезона во Лигата на шампионите ви Битола. Ова е патот по кој што треба да се движи тимот понатаму во првенството. Кога играме на вакво ниво и пред својата публика, тешко дека немој може да нè победи во Суперлигата. Треба повеќе да веруваме во себе и да ги намалиме техничките грешки во клучните моменти.
Оваа „култна ноќ“ во Битола уште еднаш ја потврди улогата на градот како еден од најголемите ракометни центри во Македонија, каде што љубовта кон дресот честопати е поважна од финансиската моќ на противникот.
1 attachment






