По Барселона во Битола ќе гостува уште еден ракометен великан. Актуелниот шампион на Европа, Магдебург во среда ќе се соочи со македонскиот шампион, во рамки од деветтото коло од Лигата на шампионите. Германскиот тим на ова гостување ќе атакува на деветтата последователна победа во групата Б, а битолчани ќе ја бркаат третата.
Пред дуелот со бундеслигашот зборуваа тренерот и најискусниот ракометар на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите.
Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Не е лесно да се игра против Магдебург. Имаме искуство од првиот натпревар и треба многу работи да подобриме за да имаме шанси против нив. За среќа сега го имаме комплетниот ростер, не бевме во нашиот најдобар момент кога игравме во Германија. Мора да обратиме внимание на нивниот контра напад и брзата игра. Постигнуваат многу голови со многу трчање. Лесно е да се каже дека тоа може да се сопре, треба да се реализира на терен и да се биде максимално фокусиран. Верувам дека ќе биде поинаку за разлика од првиот меч. Најмногу заради тоа што играме на домашен терен. Не е лесно да се игра тука, во оваа атмосфера. Видовте каква беше разликата против ПИК Сегед. Нашиот учинок беше многу различен во двата натпревари и се надевам дека можеме да повториме и да одиграме подобро против Магдебург на домашен, отколку на гостински терен. Не беше предобро во Битола против ПИК Сегед и прелошо во Унгарија. На домашен терен во првиот дел нашите голмани имаа 52% одбрани и тоа ни даде предност од пет гола и нè стави во ситуација да го водиме натпреварот. Во вториот дел одбраните на голманите на двете екипи беа изедначени и на крајот завршија со слични бројки. На натпреварот во Сегедин имаше голема разлика. Нивните голмани го завршија натпреварот со 21 одбрана од 42 шути, што е десет одбрани повеќе од вообичаено. Можеби петнаесет разлика не се реален пораз за нас. Тие заслужија победа, но ние не бевме толку лоши како што кажува резултатот.
Богдан Радивојевиќ
(РК Еурофарм Пелистер)
Сите знаат каква екипа е Магдебург, какви играчи имаат, колку долго се заедно. Го знаат нивниот систем и го почитуваат до крајни граници и на некои натпревари се гледа разликата меѓу нив и останатите екипи. Сметам дека се најдобра екипа во светот во моментов. Ако знаев како да се изненади Магдебург сигурно ќе кажев дека во среда ќе победиме. Но, ќе дадеме сè од себе, заедно со нашата публика. Веќе покажавме дека изненадувања се можни, а не е ни лесно да се игра против нас и против нашата публика. Сигурно дека нема да им биде лесно, ќе го дадеме максимумот и ќе се обидеме да ги изненадиме. Имаме далеку најдобро навивање во Лигата на шампионите и за нас и за нашите навивачи ќе дадеме сè од себе против Магдебург.
Натпреврот во Битола ќе го водат судии од Словачка. Борис Мандак и Марио Рудински се делегирани да ја делат правдата. Мечот меѓу пелистерци и бундеслигашот се игра на 26 ноември од 20:45 часот.






