Со скоро комплетен ростер и голем ентузијазам од текот на месец ноември, ракометарите на Еурофарм Пелистер го подготвуваат вториот натпревар со унгарскиот гигант ПИК Сегед во само седум дена. Пред патот за Унгарија со новинарите зборуваа тренерот Гарабаја и дефанзивецот Илија Абутовиќ.
Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Секогаш е убаво кога се добиваат натпревари во Лигата на шампионите. Тоа можат да го прават само топ-тимови од континентот. Задоволни сме од триумфот во Битола, но во исто време сме внимателни пред возвратниот дуел. Ќе биде потешко од првиот меч, тоа е сигурно. Добро е што полека се враќаме после сите оние потешки повреди на стартот од сезоната. Тимот е скоро комплетен и ќе можеме да имаме поширока ротација. ПИК Сегед исто така се мачеше со одредени повреди, ќе видиме што ќе се случи. Имаме голем простор за уште поголем напредок, мислам дека сликата за тимот е комплетна и очекувам да играме подобро со секој изминат натпревар. Не е време за конечниот расплет во групата, сега се фокусираме само на следниот натпревар. Ако можеме, сигурно ќе се бориме за пласман во втората рунда“,
Илија Абутовиќ
(РК Еурофарм Пелистер)
Може да кажеме дека ја креваме формата и се радуваме што скоро целиот ростер сега е комплетен. Ја забележавме можеби досега најголемата победа во елитното натпреварување. Секој играч е важен за нас и знаеме дека можеме да се носиме со сите ривали. Играме со ПИК Сегед двапати во седум дена, но сега ќе биде потешко затоа што играме на гости, а и тие очекувам да имаат многу посериозен пристап кон нас. Ги изненадивме во Битола и сигурно нема да одиме кај нив со бело знаме.
Периодот на адаптација е готов, со новиот тренер добивме нова филозофија, ги сфативме сите комбинации и направивме добра анализа на сработеното. Чекориме во нагорна линија, затоа се надевам дека ќе играме подобро и подобро. Во следните триесет дена имаме многу важни натпревари.
На натпреварот в четврток пелистерци ќе имаат поддршка од еден автобус свои навивачи.






