По големата победа над Загреб, Еурофарм Пелистер го претрпе првиот пораз во новата натпреварувачка сезона во Лигата на шампиони, и тоа на едно од најтешките гостувања во Европа. Македонскиот првак покажа заби и извонредно му парираше на францускиот великан, но за жал, момците на Гарабаја останаа без енергија и мир во играта кога беше најпотребно и загубија од ПСЖ со 33-27.
„Зелено-белите“ имаа одговор за почетната иницијатива на ПСЖ и во повеќе наврати го израмнуваа резултатот во воведните 10 минути, а како што одминуваше времето, гостите од Битола играа се посамоуверено. Тоа им овозможи да заминат на пауза со егал од 16-16, а во второто полувреме, дури во три наврати имаа предност од три голови разлика.
За жал, тоа не беше материјализирано и искористено до самиот крај, па на крајот пресудија последните десет минути во кои Пелистер не постигна гол, а ПСЖ постигна седум. Еурофарм Пелистер последното водство го имаше при резултат 26-27, но потоа западна во „црна дупка“ и ПСЖ со серија од седум голови стигна до победа од 33-27. Македонскиот тим вечерва покажа дека може да се надигрува и со најголемите, меѓутоа сепак ќе треба да работи на концентрацијата и штедење на силата за завршните моменти како оние вечерва во Париз.
Пранди со единаесет гола беше незадржлив за одбраната на Еурофарм Пелистер и беше најефикасен играч на теренот, додека во македонскиот табор се истакна Манасков со пет, како и Кузмановски со четири и Цехте со три голови.
Ракомет
Лига на шампиони 2025/26
Б група - второ коло
ПСЖ - Еурофарм Пелистер 33-27 (16-16)
Спортска сала „Пјер де Кубертен“ - Париз
Гледачи: 2.000
Судии:
ПСЖ:
Грин. Солие, Лонквист, Пранди 11, Сипжак 7, Омар Јахиа 6, Штајнс 3, Карлсон 3, Соле 1, Абду 1, Палека 1, Мараш, Коман, Хеидал, Гаудин, Лоредон
Седмерци: 3/3
Исклучувања: 4 минути
Еурофарм Пелистер:
Митревски 1, Брестовац, Манасков 5, Кузмановски 4, Цехте 3, Хекберт 2, Тајник 2, Калес Валид 2, Пешевски 2, Хаџиќ 2, Хенигман 1, Радивојевиќ 1, Пав. Атанасијевиќ 1, Пет. Атанасијевиќ 1, Калајџиевски, Хосни
Седмерци: 6/5
Во следното трето коло од групата Б на Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер следната среда го пречекува ГОГ Гудме.