Само пред две седмици екипата на Еурофарм Пелистер од Битола го промовираше новиот дрес со новиот млад ракометар, Самоил Ристевски, пред официјалниот старт на сезоната и натпревар од Суперкупот, а таа вест не наиде на некое големо внимание, туку како нормално продолжување на кариерата на еден млад ракометар.
Синоќа младиот Самоил го одигра својот прв натпревар во Лигата на шампиони во Битола, против големиот Фуксе Берлин, каде постигна три гола, а таа вест се најде на сите насловни страници. Како дебитант од страна на клубот беше одреден да биде дел од официјалната прес-конференција по завршувањето на напреварот од Лигата на шампиони. Скромниот Самоил си го кажа исполнувањето на својот детски сон.
„Да играш во Лигата на шампионите е сон за секое дете кое игра ракомет. Секако денес Фуксе беше подобар и мислам дека собравме искуство од овој меч. Се надеваме на подобри игри во следните натпревари“, изјави кратко Ристевски.
Тинејџерот од Битола, пивотот Самоил Ристевски е младински репрезентативец на Македонија.