b_640_480_16777215_00_images_vesti_2024_02_изјава_цехте.jpg

Последниот седми натпревар на домашен терен од групната фаза на Лигата на шампионите, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го игра в среда вечер против данскиот вицешампион Алборг. Ова е второ соочување на двете екипи, откако во септември во второто коло Данците славеа со 38-23.

Дуелот во Битола го најавија тренерот Ангеловски и десниот бек Нејц Цехте, кој две сезони играше за ГОГ Гудме во Данска.

Бранислав Ангеловски
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Мислам дека обврска ќе ни биде да покажеме најдобра игра на последниот домашен натпревар. Тоа ни е обврска кон градот, навивачите. Ова е дуел со можеби еден од најдобрите ривали во групата. Несомнено е зошто се на врвот со Кил. Тие доаѓаат од државата на еден европски, светски и олимписки шампион, со играчи како Хансен, Ландин и со многу ѕвезди во надоаѓање. Мора да уживаме и да дадеме максимум. Можам да ветам дека ќе се бориме до крај против овој ракометен гигант. Тие први натпревари беа почеток на нашата игра во ЛШ. Можам само да кажам дека бевме во грч и трема поради големите ѕвезди. Тоа е минато, не би се осврнувал кон првиот натпревар. Сметам дека сега овој меч ќе биде поинаков.

Нејц Цехте
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Јас и целиот тим едвај го чекаме натпреварот. Ова ќе биде празник на ракометот, да покажеме дека можеме да се носиме со најдобрите. Нормално е дека посакуваме победа, а верувам дека можеме до неа в среда. Мислам дека Алборг се мачи кога ривалот игра цврста одбрана и жаргонски кажано „ги тепа“. Треба да не им се дозволи скандинавски и лесно да ги решаваат нападите. Тие загубија финале во Купот од ГОГ, во кој не можеа да ги исполнат своите замисли. Скандинавскиот ракомет е потпрен на трчање, топката да оди што побргу, со игра еден на еден и сила во финишот. Првиот меч дозволивме да влеземе во нивен ритам, а сега мислам дека нема да биде така. Ќе видат како е да се игра преку вистинска публика. Тоа не им е познато, стилот на навивањето е целосно различен, па тоа мислам дека ќе биде наш адут. Во моментов Алекс Влах се пронајде добро, но и младите Данци излегуваат во прв план. Хансен можеби не е истиот како пред неколку години, ама и натаму е врвен ракометар. Мора да изградиме стил со контакт, бидејќи тоа не им одговара.

Сите билети за натпреварот Еурофарм Пелистер - Алборг се распродадени. Дуелот почнува утре од 20:45 часот.

sponzori 2023 2024

За нас

На ден 29.11.2019 во општина Битола беше потпишан договорот ,,ПЛАТФОРМА ЗА РАКОМЕТНА БИТОЛА’’, со што и официјално Битола го доби клубот РК Еурофарм Пелистер.

Договорот го потпишаа претставници на двата клуба и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска во просториите на Општина Битола.

Еурофарм Пелистер ќе биде водечкиот клуб со високи европски амбиции, а Еурофарм Пелистер 2 клуб исполнет со млади ракометари и таленти од Битола и цела Македонија.

Прочитај повеќе

Контакт

Адреса: Ул.Добривое Радосављевиќ бр.3
Битола 7000, Република Македонија

E-mail: info@rkeurofarmpelister.mk

icons8 facebook old 48 icons8 instagram 48 iconfinder youtube 834723