Еурофарм Пелистер го очекува нов предизвик, сега во групната фаза на СЕХА лигата. Битолчани му гостуваат на првакот на Словачка, Татран Прешов. По поразите од Магдебург и Вардар, серијата неуспеси беше прекината во Купот на Македонија против Младост, но вистинска реакција се очекува викендов во Прешов.
Ненад Костески верува дека екипата ќе отпочне серија на победи.
„Минуваме низ тежок период, играме доста натпревари и густ е распоредот. Многу патуваме, па мора да играме и не е лесно. Сега се натпреваруваме и во Купот на Македонија и во плеј-офот. Се подготвуваме и знаеме каков состав има Татран Прешов. Со било каков состав да патуваме верувам дека ќе извојуваме победа и ќе го надминеме овој тежок период во кој врзавме три порази. Верувам дека ќе почнеме позитивна серија и ќе се издигнеме.
Очекуваме дека Татран ја анализирал нашата игра, играат на домашен терен и ќе ни се спротистават. Не смееме да потфрлиме и верувам дека ќе се вратиме со победа“, вели стружанецот.
Натпреварот се игра в сабота од 17:45 часот, а следниот ден експедицијата на Еурофарм Пелистер се враќа во земјата.