Доцна синоќа со последниот тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“, Еурофарм Пелистер ја заврши подготовката за Тримо Требње, следниот ривал во Лига Европа. Четири дена по враќањето од Германија, Бабиќ и стручниот штаб се концентрираа на стратегијата за следниот европски ривал.
Голманот Благојче Трајковски верува дека екипата сега има 60 минути во рацете и нозете.
„Треба да се очекува сега Еурофарм Пелистер да игра добро во текот на целиот натпревар, а не само едно полувреме. Паднавме во вториот дел и на првиот и на вториот натпревар. Недостатокот на натпревари нè чини два бода. Против Шафхаузен тоа ни се повтори, скоро цел тим излезе од карантин непосредно пред натпреварот и се виде таа слабост. После карантин тешко се игра. Против Рајн Некар Левен исто така бевме солидни во првиот дел, но потоа паднавме во продолжението. Убеден сум дека во Словенија ќе дадеме максимум во текот на целиот натпревар.
Тримо Требње е компактна екипа, брзиот противнапад ја краси екипата. Играат многу брзо, скандинавски, баш како ГОГ Гудме. Спремивме тактика за нивната брза игра и се надевам дека ќе ги онеспособиме во тој противнапад“, рече голманот на пелистерци.
Меѓу минатата и оваа сезона во Европа, Еурофарм Пелистер е без гостинска победа, а многупати беше блиску да донесе цел плен во Битола.