Еурофарм Пелистер во вторник ќе се сретне со дебитантот во групната фаза на Лига Европа, Тримо Требње од Словенија. Денес битолчани патуваат во Словенија, а целта им е да ја прекинат серијата без победа, која во првите три натпревари им донесоа само еден бод.
Тренерот Жељко Бабиќ со многу респект гледа на анонимниот противник, посебно по победата над Татабања.
„Верувам дека во ова натпреварување нема фаворити, посебно што многу екипи имаа проблеми со ковид-19. Видовме дека Тримо Требње ја победи Татабања, иако унгарскиот тим беше фаворит. Мислам дека улогата на фаворит не треба ни да се спомнува. Важно ни е што се враќаме во натпреварувачки ритам, ова ни е трет натпревар во низа, имаме интензитет на тренинзите, играчите се поспремни од пред 10-15 дена и очекувам добра презентација на нашиот тим.
Од мој тренерски агол можам да кажам дека Урош Зорман врши одлична работа. Одличен тренер е и тоа е видливо на секој чекор. Екипата е дисциплинирана, страотно брза, казнува од транзиција, добро играат еден на еден и со пивотмен. Тимот е одлично селекциониран и добро воден од тренерот Зорман“, истакна Жељко Бабиќ.
Во рамките на групата Д, денес се игра натпреварот во Унгарија меѓу Татабања и Рајн Некар Левен.