Македонскиот претставник во Лига Европа, Еурофарм Пелистер остана со само еден бод во три настапи сезонава, откако вечерва беше поразен од Рајн Некар Левен со 28-20. Германците по првото полувреме имаа предност од 14-11, но во вторите 30 минути беа многу подобри, и впечаток е дека македонскиот тим прерано се предаде.
Одбраните функционираа на почетокот, па по десет минути игра резултатот гласеше 2-2. Чаневски запре два удари на Генсхајмер во првите десет минути, но германското крило потоа влезе во ритам. При 7-4 Бабиќ го зеде првиот тај-маут на натпреварот. Велковски влезе во игра и постигна два погодоци за Еурофарм Пелистер, прецизен беше и Периќ, намалувајќи на 8-7. По тајм-аутот на Швалб, „лавовите“ два гола во финишот на полувремето и на одмор се замина со водство на германскиот гигант од 14-11.
Второто полувреме започна солидно, Еурофарм Пелистер успеа да намали на 17-15 во 37. минута. Од тој момент се влезе во лош период, па цели 13 минути се бараше следниот погодок. Следниот стигна дури во 50. минута, а тогаш домашните веќе водеа со 22-16. До крајот на средбата домашните успеаја само уште повеќе да го зголемат водството и да дојдат и до убедлив триумф од 28-20.
Јосип Периќ со пет гола беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер, Матео Мараш даде четири погодоци. Најдобар кај Рајн Некар беше Вајгел кој даде седум гола од седум обида, пред Генсхајмер со шест погодока.
Следниот натпревар за Еурофарм Пелистер во Европската лига на ЕХФ е на гостински терен во Словенија, кај Тримо Требње.