Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги чека гостински натпревар против фаворитот во групата и воопшто во Лига Европа, Рајн Некар Левен. Кружниот напаѓач кој од АСОБАЛ лигата дојде во Битола, Томислав Кушан го опиша противникот и неговите силни страни.
„Мислам дека двата натпревари игравме добро. На првиот натпревар немавме среќа и загубивме на второто најтешко гостување во групата. Против Кадетен Шафхаузен исто така бевме добри, посебно во првиот дел, но немавме сили да го извлечеме целиот натпревар. Тој карантин, кој сите го прележавме, скапо нè чинеше.
Натпреварот против Рајн Некар Левен сигурно е најтешко гостување. Се работи за најквалитетна екипа во натпреварувањето. Но, ќе играме на победа и ќе дадеме максимум, па што сака нека биде. Најголем квалитет им е полуконтра и контра, играат брз ракомет. Често комбинираат со пивотменот, нивниот среден бек е еден од најдобрите во светот, Енди Шмит. Тоа се нивните најсилни страни, кои ќе се обидеме да ги затвориме“, смета Хрватот.
Битолчани вчера тренираа во „САП Арена“, а вечерва во 20:45 часот ќе се обидат да приредат изненадување против „лавовите“.