Еурофарм Пелистер - Кадетен Шафхаузен 25-25 (16-10)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер имаа водство од 16-10 на полувремето, но на крајот од средбата против Кадетен Шафхаузен мораа да се задоволат со реми од вториот одигран натпревар сезонава во Лигата на Европа. Натпреварот во празната спортска сала „Младост“ заврши без победник, 25-25.
Домашната екипа имаше повеќе од играта во првото полувреме и доминираше на теренот во поголемиот дел од овие 30 минути. Откако на почеток беше одиграно добро и во нападот и во одбраната тоа резултираше со 8-4 после првите 15 минути од средбата. Потоа во следните 6-7 минути не одеше најдобро и гостите се вратија. Меѓутоа откако резултатот беше 10-9 следуваше одлична серија од 6-0 со што беа направени највисоките +7 на овој дуел.
Сепак, во вториот дел работите се сменија, битолчани ги фати замор и натпреварот целосно се промени. Од минута во минута водството се повеќе се намалуваше, за Кадетен Шафхаузен да стигне и до израмнети 22-22. Во драматична завршница гостите израмнија, па Мандалиниќ погоди од пенал за 25-24 за Еурофарм Пелистер на 40 секунди до крајот. Швајцарците тргнаа „седум на шест“ и погодија од крило за 25-25.
Кај Еурофарм Пелистер прв стрелец беше хрватскиот ас Стипе Мандалиниќ со шест гола, еден помалку постигна Кушан, додека Периќ и Граџан погодија трипати. Кај Кадетен Шафхаусен, Шелкер реализира седум гола од исто толку обиди.