Еурофарм Пелистер денес од 18:45 часот го игра натпреварот од третото коло од групата Д во Лига Европа против тимот на Кадетен Шафхаузен. Сите ракометари и членови на стручниот штаб се негативни на ковид-19 и ќе можат да се најдат во комбинација за денешната средба.
Десниот бек Мартин Велковски е оптимист и покрај неспорниот квалитет на првакот на Швајцарија.
„Шафхаузен е квалитетна екипа, подолго време играше во Лигата на шампионите, имаат доста репрезентативци на Швајцарија. Сепак, мислам дека ние сме поквалитетна екипа и ќе победиме. Се знае каква атмосфера се прави кога има навивачи во Битола. Тоа ни беше голема помош минатата сезона и многу ќе ни недостигаат нашите фановите. Но, така е за сите екипи, па и за нас и мора да се навикнеме“, вели Велковски.
Ова ќе биде прв домашен натпревар за пелистерци, кои претходно имаа одложен натпревар против Татабања поради пандемијата со коронавирус.