Еурофарм Пелистер го чека вториот натпревар од Лигата на Европа, а ривалот ќе биде швајцарскиот првак Кадетен Шафхаузен.
Пелистерци имаа големи проблеми во изминатиот период, голем дел од ракометарите беа позитивни на коронавирус, па почнаа со тренинзи пред три дена.
Тренерот Жељко Бабиќ сепак е оптимист и очекува сериозен пристап и ангажман против искусната швајцварска екипа.
„Тешка беше ситуацијата во тимот по враќањето од ЕХФ неделата, каде имаа свои обврски. Доста ракометари беа заразени со коронавирус и не можевме сите заедно да тренираме. Се собравме сите заедно пред три дена, одржавме неколку тренинзи и во ова кратко време ќе се обидеме да го анализираме тимот на Кадетен Шафхаузен, за што е можно подобро да му се спротиставиме. Тешко е прецизно било што да се каже, но верувам дека со нашиот карактер и желба ќе го надополниме тоа што не можевме да тренираме заедно.
Го гледавме натпреварот на Кадетен Шафхаузен против ГОГ Гудме, како и нивните домашни натпревари во шампионатот. Тие се цврста дефанзивна екипа, со силен противнапад. Тоа е нивната главна карактеристика и мора на тоа да обратиме внимание во вторник. Треба да бидеме стрпливи во нашата игра во напад“, рече Бабиќ.
Натпреварот се игра утре во 18:45 часот, а во салата ќе бидат присутни само официјалните лица, клупските управи и спонзори.