По одигрувањето на натпреварот од второто коло на Д групата на Лига Европа меѓу ГОГ Гудме и Еурофарм Пелистер, тренерот на македонскиот вицешампион, Жељко Бабиќ им даде неколку слободни дена на своите ракометари. Половина од ростерот на Бабиќ заминаа на прозивка во своите репрезентации, а другите ќе одмораат до вторник кога хрватскиот стручњак ќе ги започне подготовките за натпреварот против Кадетен Шафхаузен.
За националните селекции повикани се Маџовски, Велковски, Кукоски, Костески, Танкоски и Никола Маркоски (Македонија), Радовиќ (Црна Гора) и Јотиќ и Граџан (Босна и Херцеговина). Од вторник во Битола ќе тренираат Трајковски, Чаневски, Стјепановиќ, Мандалиниќ, Мараш, Кукуловски, Вегар, Ѓукиќ, Ојлески и Кушан.
Следниот официјален натпревар е дуелот со Кадетен Шафхаузен на 17 ноември во 18:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“, во рамките од третото коло на групата Д на Лига Европа.