Жељко Бабиќ вечерва по трет пат седеше на клупата на Еурофарм Пелистер во официјален натпревар, а првпат со новиот тим од оваа сезона. По поразот од ГОГ Гудме од 30-29, тренерот на пелистерци имаше причини и за радост и за тага.
Хрватскот стручњак на прес-конференцијата рече:
„Тажен сум, но во исто време и многу горд што мојот тим одигра храбро. Бевме цврсти во одбраната и одлично се снаоѓавме во некои ситуации. За да се одигра цел натпревар на ниво, потребна е голема доза на концентрација. Имавме шанса за реми, но домашниот голман се испречи пред тоа. Ова е наш прв официјален натпревар по пауза од осум месеци, но задоволен сум од настапот. Мора да го пофалам нашиот втор голман, кој денес беше одличен. Се надевам дека ќе биде подобро на следните натпревари“.
Утревечер со лет од Малме за Скопје, делегацијата на Еурофарм Пелистер ќе се врати во Македонија, а дел од интернационалните ќе заминат на прозивката на своите национални селекции.