Мандалиниќ, Кушан, Периќ, Мараш, Костески... сите нови имиња одлично се вклопија во новата серија и вистинска штета е што не ја материјализираа добрата игра со победа во Данска. По вина на лошите последни пет минути и двете клучни одбрани на Андреасон, ГОГ Гудме ја однесе победата со 30-29.
На прес-конференцијата по натпреварот импресиите кратко ги пренесе Јосип Периќ, засилувањето од Гепингем.
„Среќен сум што пак играме ракомет, но и тажен заради поразот. Ја почитувавме тактиката да играме бавно, да ги забавиме домаќините и заслуживме да освоиме барем бод. Но, ова е само почеток и верувам дека ќе имаме уште многу можности“, изјави Јосип Периќ.
Скоро сите засилувања оваа лето ја оправдаа довербата на првиот официјален натпревар на Еурофарм Пелистер. Шанса за прва победа пелистерци ќе бараат на 17 ноември во Битола против Кадетен Шафхаузен од Швајцарија.