ГОГ Гудме - Еурофарм Пелистер 30-29 (14-14)
По повеќе од осум месеци Еурофарм Пелистер одигра официјален натпревар и тоа во новоформираната Лига Европа. Во рамките на второто коло, избраниците на Жељко Бабиќ загубија од данскиот претставник ГОГ Гудме со 30-29 (14-14). Натпреварот беше драматичен, ниту една екипа не се издвои на повеќе од три разлика, а битолчани во поголем дел од натпреварот беа во водство.
Мандалиниќ пеколно го отвори натпреварот, постигнуваше гол по гол и тоа од повеќе позиции. Подобрата транзиција на Данците успеваше да парира, а кога дојдоа проблемите за пелистерци, на голот блескаше Трајковски со пет одбранети зицери во првиот дел.
Питлик и Нилсен со лесни голови ја вратија данската предност, но возвратија најмладите Мараш и Костески (13-13). Откако постигнаа по еден гол во последната минута и двете страни, на одмор се замина без предност (14-14).
Речиси со идентичен тек како поголемиот дел од првото полувреме се играа и вторите 30 минути. Немаше ништо непредвидливо на теренот така што можеа да се следат многу погодоци. Тандемот Кушан-Мандалиниќ ја полнеше мрежата на ГОГ Гудме и во 55. минута екипата на Бабиќ поведе со +2. Сепак, следеа голови на Јакобсен, одбрани на Андреасен и комплетен пресврт. Мараш не успеа да израмни во последниот напад и ГОГ Гудме запиша триумф оф 30-29.
Најефикасни во тимот на Еурофарм Пелистер беа Мандалиниќ со 11 и Кушан со осум гола, а кај ГОГ Гудме се истакна Јакобсен со девет гола.