Ниту една екипа не чекаше толку долго на рестартот на официјалните натпревари како Еурофарм Пелистер, По повеќе од осум месеци, тимот на Жељко Бабиќ ќе игра официјален натпревар, а ривал ќе му биде водечката екипа во данскиот шампионат. ГОГ Гудме.
И покрај моќниот ривал и проблемите со долгата пауза, тренерот Жељко Бабиќ е оптимист.
„Многу е тешко кога ќе имате фокусираност и интенизитет, мина премногу време од нашиот последен официјален натпревар. Многу е тешко да се одржи формата само преку тренинзи, но и тоа е дел од нашата тренерска работи, во отежнати околности да го извлечеме максимумот од тимот.
Гудме е многу добра екипа, моментно е лидер во данското првенство, што доволно говори за квалитетите на овој состав. Најмногу го краси извонредното движење на топката, често играат „еден на еден“ и трчаат без престан 60 минути. Многу се опасни при транзицијата од одбрана во напад, она што ние треба да го сториме е да го контролираме нашиот посед на топка, да имаме трпение во офанзивата, да имаме дисциплинирани шутеви, со што потоа би имале време да се вратиме, да поставиме зона во одбраната и да го забавиме ритамот на мечот. Верувам дека во одбранбената зона ќе бидеме цврсти и на тој начин ќе им создадеме проблеми на Данците“, рече хрватскиот стручњак.
Натпреварот меѓу ГОГ Гудме и Еурофарм Пелистер ќе го водат германските судии Фабиан Баумгарт и Саша Вајлд.