Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одработија последниот тренинг пред заминувањето во Данска, каде екипата во вторник ќе го одигра својот прв натпревар од Д групата на Лига Европа.
По вчерашните негативни тестови на ковид-19, тренерот Жељко Бабиќ доби уште една позитивна вест. Цела недела екипата тренира во полн состав и хрватскиот стручњак со најсилниот ростер ќе патива за Гудме.
Битолчани утре напладне со лет за Малме, па автобуски превоз до Гудме ќе пристигнат во Данска. Во вторник наутро предвиден е лесен тренинг и прв контакт со салата каде ќе се одигра натпреварот. Овој дуел е премиера за пелистерци, а ГОГ Гудме веќе го одигра првиот натпревар во групата, откако во вторникот загуби во Швајцарија од Кадетен Шафхаузен со 29-28.