Со сите ракометари спремни и мотивирани за европски бодови, Еурофарм Пелистер синоќа одработи уште еден тренинг пред европскиот дебитантски дуел во групата Д на Лига Европа против ГОГ Гудме.
Капитенот Градимир Чаневски пред натпреварот против данскиот вицешампион рече:
„Имавме доста време да се подготвиме. Ни недостигаат натпревари и самото одложување на натпреварот против Татабања направи да патуваме во Данска без ниту еден одигран дуел. Тие се во натпреварувачки ритам, одиграа половина есенски шампионат и еден натпревар во Европа, во Швајцарија. Одиме да се натпреваруваме, се подготвуваме, не знаеме до каде сме сè уште.
Отсуството на Олсен за нив е хендикеп во една смисла, но во друга смисла е предност. Имаат многу млади ракометари, данската школа е одлична. Ги анализиравме и се спремаме за нив“.
Натпреварот ГОГ Гудме - Еурофарм Пелистер се игра во вторник во 18:45 часот во Данска.