Бутел Скопје - Еурофарм Пелистер 2 30-25 (13-11)
По скоро еден месец се вратија натпреварите од Суперлигата, а во дуел на две изедначени екипи во Скопје, Бутел Скопје го совлада ослабениот тим на Еурофарм Пелистер 2 со 30-25. Без неколку стандардни првотимци екипата на Александар Јовиќ не успеа да им се спротистави во текот на сите 60 минути на македонскиот претстаник во квалификациите на Лига Европа.
Во првите неколку напади составот на Еурофарм Пелистер 2 редовно израмнуваше некаде на средина од првото полувреме дојде првото зголемување на разликата. Сепак, Бутел Скопје поведе со 8-4, а на полувреме беше 13-11. Израмнет беше и стартот на вториот дел, се играше гол за гол, но по повредата на Стефан Талевски, гостите немаа сили за пресврт. Ракометарите на Бутел ја искористија во целост и рутински го доиграа натпреварот за победа од 30-25.
Печенковски, Мајиќ и Мојсоски со по шест гола беа најефикасни во домашниот табор, а Цветан Кузманоски со седум гола се издвои меѓу гостинсиите стрелци. По пет одиграни натпревари, Еурофарм Пелистер има две победи и три порази. Во следното коло екипата на Јовиќ е слободна.