На почетокот на последната работна недела пред стартот на натпреварите од Лига Европа, РК Еурофарм Пелистер конечно тренира во комплетен состав. Жељко Бабиќ на располагање ги има Марин Вегар и Марио Танкоски, кои се повредија на турнирот во Атина минатиот месец и во последните неколку недели тренираа одделно од тимот.
Танкоски настапи во петокот против Еурофарм Пелистер 2 и е понапред во периодот на рекуперација од повредата на рамото на Вегар. Повредата на скочниот зглоб на Никола Маркоски не е од сериозна природа и кружниот напаѓач нормално тренира со екипата.
Бабиќ предвидува една тренинг сесија дневно до првиот натпревар од групата Ц на Лига Европа, на 20 октомври од 18:45 часот против Татабања во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.