Во пресрет на почетокот на сезоната во СЕХА Гаспром лигата и Лига Европа, РК Еурофарм Пелистер го објавува правилникот за медиумските работници на натпреварите во време на пандемија.
РК Еурофарм Пелистер е спремен да прифати 26 новинарски и 5 акредитации за фотограф на домашните натпревари. Обезбедени се шест новинарски акредитации со работна маса на медиа трибината во спортската сала „Боро Чурлевски“ со одржување на социјална дистанца. Останатите дваесет места се распределени во истиот сегмент на салата, но без работна маса.
Просторот за фотографи е означен на медиа трибината и постои можност за одржување на социјална дистанца. Движење во просторот зад головите приоритетно имаат клупските фотографи.
Местото на влез на новинарите и фотографите ќе биде дополнително одредено, бидејќи медиа-центарот нема да биде во употреба. Сите акредитирани новинари и фотографи мора да пристигнат 30 минути пред почетокот на натпреварот и задолжително е дезинфекција, мерење на температура и оставање на лични податоци. Движењето во салата ќе биде сведено на минимум и секогаш со маска. Медиа центарот и кетеринг службата нема да работат.
Микс-зоната не е во употреба, а секој вид на изјави клубот ќе дистрибуира до медиумите. Исто така задолжително ќе споделува и две видео изјави како замена за прес-конференција пред секој натпревар. Прес-конференција после секој натпревар ќе се одржува онлајн на клупската веб страница или на профилите на социјалните мрежи. Во прес-конференциската сала забрането е присуство на медиумите, а прашањата ќе бидат поставувани електронски, со помош на комуникација преку апликација (Vieber група).
Клубот ќе дистрибуира фотографии, видеа и сервисни информации со медиумите во текот на целиот период додека траат ограничувањата заради пандемијата од ковид-19.
Процесот за акредитирање ќе биде отворен десет дена пред секој натпревар и се затвора на ден пред почетокот на натпреварите. Клубот го задржува правото за селекција на акредитираните новинари заради ограничените места во новинарскиот простор во салата.
Спортски поздрав!