Пред почетокот на официјални натпревари, ракометарите на Еурофарм Пелистер одиграа тест натпревар против Еурофарм Пелистер 2. Ова беше второ соочување меѓу двата битолски клуба и втор пат поуспешни беа поискусните ракометари на Жељко Бабиќ. Вицешампионот извојува победа од 27-26 (18-13), откако водеше во текот на сите 60 минути. Сепак, овој пат отпорот на младата екипа на Еурофарм Пелистер беше многу посилен и немаше да биде незаслужено ако во драматичен финиш натпреварот завршеше без победник.
Момците на Александар Јовиќ комплетно парираа и не му дозволија на својот поквалитетен ривал лесно да победи. Овој натпревар се покажа како вистински тест на силите, а го реши босанскиот ракометар Јосип Периќ ,кој на 19 секунди до крајот го даде победоносниот гол на својот тим, а помладите пелистерци не ја реализираа акцијата за израмнување. Јован Талески го упати последниот удар кон голот на противникот, но Трајкоски немаше потреба да интервенира.
Стефан Талевски се истакна со осум погодоци, а Дарио Петровски даде шест во поразениот табор. Кушан и Мандалиниќ со по пет беа најефикасни во победничкиот табор. Марио Танкоски се врати по повредата, а Вегар е блиску до враќање на терените.