Втора победа во четири дена и одличен впечаток во првите седум дена на ракометната Суперлига за Еурофарм Пелистер 2.
Момците на Александар Јовиќ имаа уште едно одлично издание и од гостувањетo кај Младост 1977 донесоа лесни бодови, забележувајќи убедлива победа со 22-30 (9-16).
Гостите имаа контрола на резултатот од почетокот на мечот, поведоа со 1-3, а потоа и со 5-6. Следуваше кризен период на Младост во кој дозволија противникот да направи серија 0-6 за висока предност од 5-12.
Иако Јовиќ го ротираше својот тим, неговите момци не го изневерија и продолжија да го полнат голот на домаќините, па на крај Еурофарм Пелистер 2 извојува сигурна победа од 22-30, втора во низа оваа сезона, по стартниот пораз од Металург во Скопје.
Во победничката екипа се истакнаа Кузманоски со осум гола, пет постигна Јован Талевски, а по три имаа Арсеновски и Дрогришки. Кај домашната екипа најефикасен беше Лупашко со пет погодоци.
В понеделник во Битола следува дуелот со ГРК Тиквеш и можност за трета победа по ред.