Ракометарите на Еурофарм Пелистер забележаа победа со 27-20 против кипарскиот Анортозис Фамагуста на турнирот на АЕК во Атина. Еурофарм Пелистер започна со проблеми, но брзо ги постави работите на свое место. После 16 минути игра битолскиот тим поведе со +2, за веќе во 19. минута избраниците на Жељко Бабиќ да го имаат првото водство од три гола.
На стартот на вториот дел благодарение на одличната одбрана и сигурниот напад, Еурофарм Пелистер се одлепи на пет гола позитива, а со премиерните голови на Граџан и Мараш за првпат стигна до +7. Пелистерци не дозволија противникот да се врати во игра, високото водство го чуваа до крај и извојуваа заслужена победа од 27-20.
Граџан и Ојлески со по четири гола беа најефикасни, а Мандалиниќ и Танкоски постигнаа по три погодоци. Во второто коло, кое на програмата е утре, Еурофарм Пелистер ќе се сретне со грчкиот Диомидис Аргус.