Ракометарите на Еурофарм Пелистер веќе го планираат следниот период од подготовките, во очекување на официјалните термини за одигрување на натпревари од СЕХА Гаспром лигата. Неделава ракометарите тренираат во Битола, под будното око на Бабиќ и неговите соработници, а следната недела ќе играат на интернационален турнир.
По првичното одложување на турнирот на АЕК во Атина, и откажувањето на францускиот Трембле, грчкиот клуб пронајде начин да го организира турнирот две недели подоцна, со две други екипи од првичниот план. Имено, покрај АЕК Атина и Еурофарм Пелистер, на турнирот ќе играат и Анортозис од Кипар и Диомодис Аграс, член на грчката Суперлига.
Турнирот ќе се игра по систем секој со секого, па пелистерци ќе одиграат три натпревари на 4,5 и 6 септември. Експедицијата на македонскиот клуб на 3 септември ќе патува за Атина.