Од почетокот на февруари и возвратниот натпревар против Нексе Нашице, македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер не одиграл официјален натпревар. Екипата претрпе драстични промени и со седум нови лица денес ги започна подготовките за новата сезона. Бабиќ означи почеток со работен состанок на кој беше претставена програмата на подготовки, а потоа е планирана заедничка вечера. Мандалиниќ, Кушан, Мараш, Периќ, Костески, Кукуловски и Танкоски се нови имиња во споредба со минатогодишниот ростер, а екипата ја напуштија Митревски, Јотиќ, Остроушко, Шевелев, Петровски, Кузманоски.
Битолчани в понеделник заминуваат на подготовки во Маврово, каде ќе поминат две недели. Потоа преку турнирски натпревари Жељко Бабиќ че ја бара формата на тимот. Предвидено е Еурофарм Пелистер да игра на турнирите во Струга и Атина.
Оваа сезона Еурофарм Пелистер ќе настапува во Лига Европа, а своите противници во групната фаза ќе ги дознае на 28 август.