Откако минатата недела потпиша со македонскиот репрезентативец Марио Танковски, РК Еурофарм Пелистер денес ја продолжи соработката со интернационалецот од Босна и Херцеговина, Невен Стјепановиќ. Овој ракометар потпиша договор со важност до 2021 година и најмалку уште една сезона ќе игра во спортската сала „Боро Чурлевски“. Искусниот бек пристигна во Битола од Спортинг и минатата сезона беше важен дел од екипата се до повредата против Мешков Брест во СЕХА Гаспром лигата.
Невен Стјепановиќ беше опериран на крајот од минатата година и неговата рекуперација е пред крај. Се очекува на почетокот од подготовките за сезоната 2020/21 да му се стави на располагање на тренерот Жељко Бабиќ.
Босанскиот ракометар настапува како десен бек, висок е 199 сантиметри и зад себе има богата интернационална кариера. Пред да дојде во Битола, Стјепановиќ настапуваше Локомотива Брчко, Војводина, Духаил, Железничар Ниш и Спортинг, а исто така има настапи за сите репрезентации на Босна и Херцеговина.