Ракометарите на Еурофарм Пелистер победија со два гола разлика против екипата на Нексе, но уште два гола недостигаа за пласман во четвртфиналето, против екипата на Вардар, а со овој натпревар завршија меѓународните натпревари, прво во Лигата на шампиони, а сега и во СЕХА лигата.
На прес-конференцијата по натпреварот зборуваат тренерот Бабиќ и крилото Радовиќ.
Жељко Бабиќ
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Горд сум на своите момци и на клубот и покрај елиминацијата. Одигравме одличен натпревар со нашите навивачи кои не бодреа во текот на целиот натпревар. Денеска ништо не исгубивме, туку видовме што треба да поправиме во играта и како да се подготовиме за плеј-офот во македонската лига. Уште еднаш сакам да се заблагодарам на сите навивачите за страста и љубовта кон овој клуб. Сметам дека во следна фаза оди посреќниот тим.
Мирко Радовиќ
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Атмосферата беше неверојатна, горд сум на начинот што го претставивме нашиот клуб. Битола е ракометен град, но се надевам дека навивачите не заминуваат разочарани дома, иако не се пласиравме во следната фаза.