Екипата на Еурофарм Пелистер пред себе го има најважниот натпревар во оваа натпреварувачка сезона. Во Битола гостува тимот на Нексе Нашице, во рамките од реванш-дуелот од осминафиналната фаза на СЕХА лигата. На денешната прес-конференција пред новинарите зборуваа тренерот Бабиќ и бекот Јотиќ.
Жељко Бабиќ
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Играчите добро тренираат, фокусирани сме на Нексе и спремни сме за возвратниот натпревар. Што се однесува до првиот натпреварм имавме лош офанзивен дел, многу технички грешки и мора да се поправиме. Одбраната и транзицијата беа добри во Нашице. Верувам дека грешките ќе ги поправиме и ќе се радуваме на победата. Утревечер ќе бидеме комплетни. Јотиќ и Маџовски влегоа во тренажен процес по повредите и ќе се најдат во стројот. Што се однесува до Нексе, им се враќа Јагањац и ќе бидат посилни од првиот натпревар. Ни ние, ни Нексе не сме во натпреварувачка форма и тешко е да се предвиди во кој правец ќе се одвива натпреварот. Сепак, можам да кажам дека мора да играме агресивна одбрана и максимално трчање во текот на сите 60 минути
Ловро Јотиќ
(ракометар на РК Еурофарм Пелистер)
Ни следи тежок натпревар и имаме еден мал притисок заради тој пораз од три разлика. Мора да ја задржиме или подобриме одбраната од Нашице, но во нападот мора да реагираме и да го заборавиме лошиот натпревар. Можеме да напредуваме во транзицијата, Нексе Нашице во Битола ќе наиде на атмосфера каква што не паметат. Со малку среќа и исполнување на советите на стручниот штаб, мислам дека можеме да се радуваме
Нексе е добро познат противник за битолскиот клуб, затоа што и во ланската сезона гостуваше во Битола и тогаш загуби со 29-28. Реванш средбата е закажана за в среда со почеток од 20:15 часот.